НУ Завод и музеј ‒ Битола, со средства од Министерството за култура, ќе ја реставрира родната куќа на народниот херој Стеван Наумов-Стив, која се наоѓа на улицата „Пецо Божиновски” бр. 11 во Битола.
Куќата во која е роден Стив Наумов за првпат беше отворена како постојана музејска поставка на 4 јули 1961 година откако објектот е реконструиран и адаптиран за таа намена. Во 1977 година објектот беше повторно реконструиран и адаптиран, а на јавноста и беа презентирани сегменти за ликот, животот и делото на Стив Наумов, кој во периодот на народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ, како секретар на КПЈ-КПМ за Битола, со својата револуционерна дејност уште во тој период прерасна во легендарна личност.
Поставката се наоѓа на простор од околу 150 квадратни метри, на приземје и на кат. Во 2002 година таа по третпат беше обновена со нови експонати.