Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денеска ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици“.
Промоцијата ќе се одржи виртуелно, а ќе ја отвори ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, по што ќе следува и пригодна реч на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана и Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш.
Станува збор за зборник од Првата зимска школа на Меѓународниот семинар, што се одржа во почетокот на годинава и беше прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Во Зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови од Конески направени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески, коишто претходно не беа преведени на овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик.