Оркестарот на Филхармонијата в четврток, во 20 часот, ќе го одржи концертот со наслов „Бетовен: Редефиниција“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша (Албанија/Грција). Со Оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, оп. 56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61 од Л. В. Бетовен.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот за композиција.
Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Јонијан Илијас Кадеша има грчко-албански корени, а живее во Берлин. Настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа, а во август 2020 година, по неколкумесечна коцертна пауза, во германската престолнина Берлин, тој го отвори фестивалот „Млади европски класици“.