Денеска напладне, на 95-годишна возраст, почина проф. д-р Трајко Стаматоски, последниот жив македонист од првата генерација македонисти на проф. Блаже Конески.
Телеграма со сочувство до семејството упати и министерката за култура Ирена Стефоска, која наведе дека Стаматоски, низ долгата и извонредно плодна кариера, остави непроценливо богатство од научни и стручни трудови, со што се вброи во редот на најзначајните проучувачи и афирматори на македонскиот литературен јазик.
„Преку неговото библиографско наследство, кое содржи над 500 библиографски единици од областа на историјата, дијалектологијата, ономастиката, современиот јазик ги зацврсти темелите на македонскиот литературен јазик. Благодарност и за неговата сесрдна поддршка што ја даваше и за негување на делото на Блаже Конески преку неговото долгогодишно дејствување во Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Зачувувањето и негувањето на неговиот научен легат и во иднина останува наша обврска и како култура и како држава, ,стои во телеграмата со сочувство.
Трајко Стаматоски дипломирал на Филозофскиот факултет (прва генерација на групата Македонски јазик) во Скопје (1950), а бил почесен доктор на филолошките науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Тој е еден од составувачите на Речникот на македонскиот јазик (I 1961, II 1965, III 1966).
Бил лектор уредник и началник на Програмското одделение на Радио Скопје, преведувач во Танјуг и соработник, раководител на Одделението за ономастика (од основањето во 1966 г.), научен советник и директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Освен тоа, бил претседател на Друштвото на преведувачите на Македонија, секретар на Друштвото за македонски јазик, секретар на Македонскиот славистички комитет и претседател на Сојузот на славистичките друштва на Југославија. Автор е на повеќе книги и околу 500 стручни и научни прилози.
Стаматоски беше претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ од нејзиното основање (2001), којашто ги издава делата поврзани со животот и творештвото на Блаже Конески.