Министерката за култура Ирена Стефоска ја почна прес-конференцијата со информацијата дека минатата недела, на 98-от ден од новиот мандат, Владата ги усвои заклучоците во врска со информацијата за спроведување на планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Стефоска особено ја истакна важноста на заклучокот кој се однесува на градањето во Охрид, Струга и во Дебрца каде што нема да може ништо да се гради без да се земат предвид заштитно-козерваторските услови. Како што рече Стефоска, со тоа ќе се запре процесот на упропастување на ова наше и светско природно и културно добро.
Во отчетот за своите 100 дена како министерка, Стефоска порача дека ја прифатила оваа одговорна позиција за да даде максимум за доброто на сите во културата.
Од активностите што се реализирани досега, Стефоска ги посочи: решавањето на проблемот со неисплатените плати на три илјади и шестотини вработени во културата, новиот концепт за Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за следната година, и додаде дека како министерка останала доследна на законската обврска и на сопственото уверување дека членовите на стручните комисии мора да бидат докажани професионалци во својата област.
Стефоска потсети дека, со голема внимателност и неопходна стручност, започнаа конзерваторско-реставраторските интервенции на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, како и дека е обезбеден рекорден буџет за заштита на културното наследство за следната година, а е отворена и нова буџетска програма за културно наследство во опасност. Таа најави дека во планот за работа на штотуку формираниот Национален совет за заштита на културното наследство, е разгледување на елаборатот за прогласување на скопскиот Аквадукт за културно наследство од исклучително значење.
Стефоска информираше дека е поднесена иницијатива до Управата за заштита на културно наследство за да се преиспита статусот на „Порта Македонија“ како културно наследство.
Таа информираше и дека следната година, заедно со УНЕСКО, ќе ја чествуваме стогодишнината од раѓањето на академикот, лингвист и поет Блаже Конески.
Во изминатиов период, на иницијатива од Министерството, културата стана дел од официјалната агенда на Европската Унија за Западен Балкан.
Од активностите што се во агендата на Министерството, Стефоска ги посочи: Законот за остварување на јавниот интерес во културата кој е во Собрание, подготовката на Закон за културно наследство, како и работата над измените и дополнувањата на Законот за авторското право.
На новинарски прашања, министерката Стефоска одговори дека се одделени буџетски средства за санација, поточно за изградба на оштетеното училиште во Љубојно, како и тоа дека Споменикот на Преспанското советување од НОБ во Отешево ќе биде саниран до напролет. За приоритетите во заштитата, таа одговори дека има голем број културни добра од недвижното наследство на кои ќе се посвети внимание, како што е и Чарши џамијата од 15 век во Прилеп, а од нематеријалното, недвижно наследство, Стефоска ги спомна старите словенски ракописи кои се делумно конзервирани, а се наоѓаат во Заводот и музеј – Охрид.
Министерката Стефоска одговори и на прашањата за Албанскиот театар во Скопје, истакнувајќи дека по долги години објектот доби технички прием и се планира наскоро да биде отворен за публиката.
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА 100 ДЕНА МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА , ИРЕНА СТЕФОСКА