Младата 18 годишна Стефанија Гаштарска е првата македонска балерина која стана дел од светски познатиот театар „Бољшој“ во Москва. Оваа вест, Гаштарска ја доби за време на нејзиниот престој во Скопје, и како што вели, ако е сè во ред со оглед на приликите со коронакризта, таа во средината на јули ќе се вклучи во светски престижниот ансамбл, на подготовките за следната сезона.
Стефанија со балет се занимава од девет години, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Данилоска-Кочевска. На 15 години замина да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи за класичен балет. Образованието го продолжи на Академијата за балет на „Бољшој“ каде што во огромна конкуренција, Стефанија дипломираше со највисоки оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја која влезе во „Бољшој“. Стефанија е бренд-амбасадор на светски познатата компанија за балетски патики, „Гришко“.
„Пресреќна сум, ова е мој сон од многу малечка“, ни рече Стефанија, која е свесна дека многу млади девојчиња сонуваат да се дел од „Бољшој“, но нејзината посветеност, макотрпната целодневна работа, многу труд, вежбање, откажувања и верба, сепак на оваа млада балерина и овозможија сонот да и стане реалност.
Во семејството на Гаштарска и нејзината мајка, Марија Крстевска, балерина во Националната опера и балет во Скопје деновиве владее огромна возбуда и среќа. Стефи не престанала со вежби ниту еден ден за време на престојот дома, подготвувајќи се за големото враќање во Москва.
„Не можевме да добиеме поубава вест “, велат Марија и Стефи по повикот од дирекцијата за вработување во најпрестижаната светска балетска куќа. Од цела генерација, вработени се седум девојчиња и едно момче. На прашањето дали покрај целата среќа има и некои стравови, Стефанија ни рече:„Единствен страв ми е ако не добијам вистинска шанса за да покажам колку можам“.
Досега, талентот и исцрпувачката работа и обезбедија на Гаштарска видни успеси. Таа на 16 години настапи во „Бољшој“ и ја играше принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
Минатава сезона беше единствената од учениците на „Бољшој“ која беше повикана да има соло настап со ѕвездите на „Бољшој“ на отворање на клон на театарот во Калининград, а го имаше и своето прво гостување со насловна улога во изведбата на „Оревокршачка“ со ансамблот на „Бољшој“ во Атина.