Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп утре (17 септември 2021), со почеток во 19 часот, ќе биде изведен симфонискиот концерт за деца „Петре и волкот“. Диригент е Борјан Цанев, а наратор Мартин Јорданоски.
Симфониската поема „Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Напишана е за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. Наратор е миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.
Гостувањето на Филхармонијата на РСМ во Прилеп е поддржано од Министерството за култура и е дел од мисијата да се влијае врз музичката едукација на младите.
Влезниците за концертот се бесплатни.