Екипа на Народниот музеј од Велес, под раководство на кустосот Анита Василкова-Мидоска, од средината на септември врши археолошки истражувања на локалитетот „Кале“ кај селото Стари Град.
Главниот фокус на истражувањата, кои ќе траат до средината на октомври, е да се дополни историската слика на овој простор кој во антиката бил една од главните комуникациски мрежи што воделе до Пелагониската Рамнина. Сознанијата иницираат дека посочениот простор бил населен подолго време, а според археолошките наоди, може да се констатираат траги од интензивно живеење во периодот од 2 век пред нашата ера па сѐ до средновековниот период, односно до 14 век од нашата ера.
Инаку, од движните наоди најмногу е застапена керамиката, односно садови кои биле во употреба во секојдневјето на античкиот човек и во најголема мера се локална продукција која ги отсликува тогашните трендови на производство и креација, како и наоди од метал.
Годинашните истражувања на овој локалитет претставуваат дел од Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во 2020 година на Министерството за култура. Локалитетот „Кале“ кај Стари Град е лоциран на најнискиот северен огранок на планинскиот масив Соколчица, кој е само продолжение на планината Руен на десната страна на реката Бабуна во непосредна близина на новоформираната населба Стари Град.