Со премиера на претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ – копродукција на МОТ и на Факултет за работи што не се учат – вчера започна 45. издание на Млад отворен театар.
До 3 декември ќе бидат прикажани 12 претстави во домашна продукција, како и продукции на театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска. Ова издание на МОТ за првпат е хибридно, односно ќе може да се проследи онлајн, во Младинскиот културен центар и во Универзалната сала. Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.