Министерките за култура на РС Македонија и на Грузија, Ирена Стефоска и Теа Цулукиани, денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата. Со потпишувањето на Меморандумот се поттикнува директна соработка и размена на експерти меѓу институциите и организациите од областа на културата, размена на информации, како и воспоставување непосредни контакти во сите дејности – од литературата, театрите и музиката до заштитата на културното наследство.
Исто така, се овозможува учество на семинари, конференции, манифестации и други културни настани што ќе се реализираат во двете држави, а, во согласност со националното законодавство и меѓународните договори, ќе се поттикне и соработката меѓу релевантните институции за заемна заштита на авторското право и сродните права.
Грузиската министерка за култура е дел од делегацијата предводена од претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која денеска и утре е во официјална посета на Република Северна Македонија. Домаќин на делегацијата од Грузија е претседателот на државава, Стево Пендаровски. Пендаровски и неговата колешка Зурабишвили денеска, во Вила Водно, ја потпишаа Спогодбата за безвизен режим меѓу двете држави.
Тоа, меѓу другото, ќе ја олесни соработката меѓу институциите, здруженијата и поединците од двете земји кои негуваат слични приоритети во своите културни политики.