В понеделник (12.7.2021 г.) во Охрид свечено ќе биде отворено 61. издание на нашата најголема музичко-сценска манифестација – Фестивалот „Охридско лето“.
Отворањето на Фестивалот ќе биде во знакот на големиот Петар Илич Чајковски, при што Националната опера и балет ќе ја изведе балетската трилогија составена од делата „Лебедово езеро“, „ Оревокршачка“ и „ Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“. Станува збор за грандиозен проект со над 90 уметници кои ќе настапат на сцената на Античкиот театар.
Оваа година на сите фестивалски сцени – Античкиот театар, предворјето на „Света Софија“, Долни Сарај, катедралната црква „Света Софија“ – ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти на врвни имиња од областа на музичката уметност, како и шест театарски претстави. Во текот на 40-те фестивалски вечери, на летните сцени и во „Света Софија“ ќе продефилираат околу петстотини уметници од 18 земји.
Настаните на „Охридско лето“ ќе се одвиваат според пропишаните протоколи, со што ќе се овозможи настапите на врвните уметници да ги проследат поголем број љубители на музичката и на драмската уметност.