Денеска се одржа Министерски состанок на Агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, кој ги обедини клучните засегнати страни од Европската Унија и од регионот на Западен Балкан. За време на состанокот, кој се одржа онлајн, министрите одговорни за иновации, истражување, образование и култура од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и од Србија разговараа и ги изнесоа своите ставови за Агендата на Западен Балкан на одделни тематски тркалезни маси.
За време на состанокот, Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, ја претстави својата визија и новиот наратив за Западен Балкан: „Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт“, сеопфатна, долгорочна стратегија за соработка меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
На состанокот, кој се одржуваше на високо министерско ниво, учествуваше и министерката за култура Ирена Стефоска, која во своето излагање потсети на културните вредности, потенцирајќи ги трите приоритети на нејзиниот мандат: европските интеграции, културното наследство и младите.
– Би сакале овие приоритети да бидат повидливи во Агендата за култура на Западен Балкан, рече Стефоска.
Министрите, на денешниот состанок ја вклучија културата во Агендата – Западен Балкан, преку посебна стратешка линија. Покрај ова, на состанокот на високо ниво беше усвоен и повисок буџет за програмата Креативна Европа при Европската Комисија.
Во рамките на овие цели, потребно е да се обрне особено внимание на создавањето регионална платформа за културни политики која би вклучувала и заедничка база на податоци. За културното наследство, Стефоска рече дека е неопходно да се поттикнуваат иновативни пристапи и алтернативно користење на културното наследство со цел создавање нови врски и традиции кои ги зближуваат заедниците и го засилуваат чувството на припадност.
Во своето излагање пред високите делегати од ЕК и министрите од Западен Балкан, Стефоска ја нагласи потребата од засилена поддршка на мобилноста на културните оператори, особено на младите, и поддршка и развој на креативните индустрии.
На крајот, министерката Стефоска потенцираше дека ни е потребна оваа заедничка Агенда на Западен Балкан за иновации, истражувања, образование, култура, млади и спорт и дека сме одлучни да продолжиме да ја развиваме и да ја прошируваме европската културна арена како суштинско средство за градење на нашата иднина.
Обраќањето на министерката Стефоска можете да го проследите на следниот линк
Видеообраќање на министерката Ирена Стефоска на Агендата за Западен Балкан линк