Задоволство од досегашната соработка на билатерален и мултилатерален план во областа на културата, изразија министерката за култура Ирена Стефоска, и амбасадорката на Романија во земјава, Адела Моника Аџинте.
На средбата тие оценија дека Договорот за соработка во областа на образованието, науката, културата, масовните медиуми, младите и спортот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија, од 2019 година, е добра основа која во иднина треба да се надогради со потпишување на тригодишни програми во областа на културата.
Министерката Стефоска со задоволство ја прифати иницијативата од романската страна која се заложи да изготви предлог-програма, која откако ќе биде усвоена ќе биде во насока на интензивирање и конкретизирање на активностите во сферата на културата меѓу двете земји на сите нивоа.