Уметницата Мариа Павловска ќе учестува на реномираната интернационална изложба 13-то издание на Биеналето во Фиренца, Италија, што ќе се одржи од 23 до 31 октомври. Павловска ќе се претстави со проектот „Госпоѓа и Госпоѓица Х“, кој содржи инсталација (полиптих – серија цртежи), а е проследен и со видеоматеријал.
Годинашното Биенале во Фиренца е под покровителство на Европскиот парламент и Регионот на Тоскана, а на темата „Вечна феминина/Вечна промена“ ќе се одржат многубројни настани, работнилници, презентации и предавања на кои ќе стане збор за различните концепти поврзани со улогата на жената и женственоста во современата уметност и дизајнот.
Проектот е изработен во уметничкото студио во музејот „Mana Contemporary“ во САД во изминатите две години, како постреакција, по изработката на проектот „А Реакција“.
Павловска во Фиренца се претставува на покана од директорот на Биеналето, Џакопо Целона, и кураторите и комитетот на оваа престижна манифестација.
Реализирала многубројни самостојни изложби и резиденции во: Париз, Белград, Сараево, Љубљана, Берлин, Загреб, Нови Сад, Софија, Нирнберг, Њујорк и др.