По повод 118-годишнината од Илинденското востание, од 1 до 10 август, со реализација на повеќе настани, ќе се одржат традиционалните Научно-културни средби „Десет дена Крушевска Република“.
Манифестацијата официјално ќе биде отворена на 1 август во 20 часот на платото на Гумење во Крушево. Претходно, од 18 часот сите учесници ќе тргнат од пред црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, а потоа, со полагање свежи цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на партизанските гробишта во Крушево, пред вечното почивалиште на Тоше Проески и во криптата пред Македониумот на Гумење, ќе им биде оддадена почит на сите значајни дејци.
На отворањето на манифестацијата ќе настапи бендот „Љубојна“, а на полноќ е импровизираниот напад на градот, како симбол на почетокот на слободата на илинденско Крушево.
За 4 август е планирана „Влашка вечер“, а на 5 август ќе се одржи џез-концерт. Во рамките на Културно-научните средби „Десет дена Крушевска Република“ е и одржувањето на „Кога си во Крушево“ (When in Krusevo) со многубројни гости и рекреативни настани.