Со дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен“, синоќа (9 мај) започнаа 48. Мајски оперски вечери, кои оваа година во текот на целиот месец мај ќе се одбележуваат на поинаков начин – со избор од онлајн претстави.
Од Националната опера и балет посочуваат дека на нивниот официјален јутјуб-канал ќе може да се проследат 10 нивни продукции – осум оперски и две балетски – со кои ќе ги одбележат Мајските оперски вечери. На 12 мај ќе може да се проследи балетската претстава „Рајмонда“, на 15 мај „Турандот“, на 17 мај „Кавалерија Рустикана“ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај ќе може да се проследи балетскиот концерт „Балетски бисери“, а на 22 мај операта „Фауст“. На 24 мај, по повод празникот „Св. Кирил и Методиј“, ќе може да се проследи операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта „Травијата“ на 29 мај. За крај, традиционално, на завршувањето на фестивалот, на 31 мај ќе се емитува операта „Аида“.
Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, истакна дека Мајските оперски вечери се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет.
– Почитувани вљубеници во оперската уметност, колеги уметници, драги соработници, почитувана публико, ви благодарам што за изминатите 47 години на одржување на Мајските оперски вечери секогаш сте ни давале поддршка, исполнувајќи го нашиот салон со топлина и љубов. За жал, пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за годинешните 48-ми по ред Мајски оперски вечери, но, сепак, засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн претстави во текот на целиот месец мај – вели Ристов.
Распоредот на закажаните дигитални премиери може да се следи на веб-страницата на НОБ, а постои можност и за претплата на официјалниот јутјуб-канал на институцијата.