Kнижевна вечер„Македонија и Турција – Книжевни мостови“ во КИЦ во Истанбул

од admin_kult

Во рамките на 17. издание на реномираниот Меѓународен литературен фестивал во Истанбул (Istanbul International Literature Festival (ITEF)), на 29 мај 2025 година во просториите на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул ќе се одржи книжевна вечер под наслов „Македонија и Турција – Книжевни мостови“, на која пред турската публика и издавачи ќе бидат претставени наградените книги и автори на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година.

Настанот претставува исклучително значаен чекор во афирмацијата и меѓународната промоција на македонската книжевност, а соработката со ИТЕФ (ITEF) – еден од водечките фестивали за литература во регионот – отвора нови можности за поврзување со турското издаваштво и преведувачи, како и за градење културни мостови меѓу двете земји.

Делегацијата на Друштвото на писателите на Македонија ја сочинуваат добитниците на годинашните книжевни награди: Жарко Кујунџиски со збирката раскази „Приказничар“ (изд. „Антолог“) – добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело; Иван Антоновски со книгата за деца „Бакнежи на небото“ (изд. „Светулка“) – добитник на наградата „Ванчо Николески“; Наташа Аврамовска со книгата „Книжевни паметници“ (изд. Институт за македонска литература) – добитничка на наградата „Димитар Митрев“ за најдобро дело од областа на критиката и есеистиката; Гордана Јовиќ Стојковска со романот на српски јазик „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) – добитничка на наградата „Мост“, која се доделува за дела објавени на јазиците на заедниците во Македонија (изд. „Слово љубве“), а со свој литературен опус ќе се претстави и Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Настанот претставува значајна платформа за унапредување на меѓукултурната размена, за презентација на современите текови во македонската литература и за иницирање идни преводи, соработка и издавачки проекти со турските партнери.

„Книжевни мостови“ се организирани од македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул како дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе