Владата на РС Македонија, со заклучок од седницата одржана на 9.2.2021 година, го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа финансиските средства на други корисници без да ја утврди законската основаност.
Министерството прави напори да ги исплати парите на корисниците што ги реализирале проектите за 2020 година од програмите за музичка и сценско-уметничка дејност, како и за фолклорната и сценско-уметничката дејност и мултидисциплинарните дејности.
Свесни сме дека ваквото пролонгирање предизвикува последици кај корисниците.
Министерството за култура сè уште го чека исходот од истрагата за поддршката на избраните проекти од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес за културата за 2020 година што ја спроведува финансиската полиција.
Затоа, Министерството за култура и во овој период ги презема сите неопходни чекори за надминување на настанатата состојба, и на Владата ќе ѝ достави предлог за разрешување на оваа несакана ситуација.