Финансиска поддршка за филмските работници и други уметници и културни работници

од admin_kult

Владата на Република Северна Македонија во рамки на својата 57. седница одржана на 26.5.2020 година,  донесе Уредба со законска сила за финансиска  поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба, а погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

Со овие Уредби се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на филмските работници и на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности, за исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.

За таа цел, Владата го задолжи Министерството за култура да ја спроведе Уредбата за финансиската поддршкана уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба.

Со оваа уредба се опфатени уметниците и  други физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, државјани на Република Северна Македонија, а кои самостојно или преку авторски или друг вид на договор, учествуваат во реализација на проект поддржан на Годишните конкурси за финансирање  на проекти од национален интерес во културата за 2020 година или пак учествуваат во реализација на проект поддржан од меѓународните фондови, односно меѓународни организации, а кој е откажан поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

Министерството за култура, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, на својата веб-страница ќе објави јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка. На веб-страницатана Министерството за култура ќе бидат достапни и барање и изјава за исполнетоста на условите предвидени со Уредбата кои во рок од петнаесет (15) дена треба да бидат доставени до Министерството.

Уредбата за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба пак, ќе се спроведува преку Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Согласно Уредбата, корисник на финансиска поддршка може да биде филмски работник-барател на финансиска поддршка, државјанин на Република Северна Македонија  кој  во последните пет години работел на минимум три филма поддржани од Агенцијата, како  и на реализација на филмови кои се поддржани од Агенцијата, а во чие производство барателот на финансиската поддршка требало да учествува, а која е откажана или одложена поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, што го потврдува Агенцијата.

Агенцијата за филм, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, на својата веб-страница треба да објави јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на филмските работници.

Барателот на финансиската поддршка  пак, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, до Агенцијата, треба да достави барање и изјава за исполнетост на условите, прилози кои ќе бидат достапни на веб-страницата на Агенцијата.

За користење на финансиската поддршка на филмските работниции  на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба ќе одлучуваат посебно формирани комисии кои ќе извршат увид во поднесената документација, како и во точноста на податоците.

Финансиската поддршка од овие уредби со законска сила, не може да ја оствари барател кој е опфатен со Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, кој е во редовен работен однос или е примател на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија,  кој остварува други приходи по било кој основ или е опфатен со другите економски мерки на Владата на Република Северна Македонија за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

Барање за добивање на финансиска поддршка на уметници и на други физички лица

Изјава за исполнетост на условите за добивање на финансиска поддршка

 

 

 

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе