„Историјата на светот: последното поглавје“ беше насловот на изложбата на уметниците Вана Урошевиќ од Македонија и Зоран Тодовиќ од Србија, која со особен успех беше претставена во галеријата на „Куќата на легатите“ во Белград. Соработката на оваа уметничка двојка го анимираше просторот на галеријата во сеопфатна амбиентална целина, која ја чинеа група дела во различни димензии. Сите изложени дела, овие реномирани уметници ги создале во изминатите десет години, со заедничка работа, во живо и на далечина.
„Работевме на овој проект веќе подолго време, но последните месеци ги следиме делата на другиот само преку современи дигитални средства за комуникација, така што едно целосно, финално дело се создава преку делумно интуитивно познавање на две креативни идеи кои се надополнуваат едни со други. На крајот, работата станува комплетна кога овие две концепции ќе се судрат во изложбениот простор“, појаснуваат авторите за своето ликовно претставување.
Тие додаваат дека формално, според неговата тематска ориентација, уметничкиот материјал претставен во проектот претставува (нов) поглед на некои делови од историјата на сликарството, но во суштина, вистинската тема е самата природа на креативниот процес низ кој поминуваат.
Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, покрај самостојните настапи, во последната деценија изложуваа заеднички уметнички проекти во: Белград, Скопје, Њујорк, Подгорица, Чачак, Солун и Нови Бановци.
Претставувањето на Урошевиќ и на Тодовиќ наиде на забележителен интерес не само кај публиката туку и кај медиумите во Република Србија кои, преку прилози во електронските и во печатените медиуми, информираа за ова значајно ликовно претставување.