Со беседа за великанот Анте Поповски, отворање изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање, денеска (24 септември) во 19:30 часот во Музејот на македонската борба, започнува четвртото издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Беседата на свеченото отворање ќе ја одржи проф. д-р Кристина Николовска, а со обраќањето на директорката на Музејот, Даниела Николова, ќе биде отворена изложбата на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, што претставуваат музејски фонд и сега, а кои за првпат ќе бидат презентирани пред јавноста по повод 90-годишнината од неговото раѓање.
Во Музејот ќе се одржи и централната свеченост на Манифестацијата, на која ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинашен добитник на почесното признание „Антева златна книга“ е академик Влада Урошевиќ, а добитник на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски. Книгата „Небесни разговори“, за којашто ја доби наградата, за првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста. Ќе бидат врачени и наградите: „Антев златник“ – на Елизабета Баковска и на Димитар Аранаудов и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова. За остварувањата на добитниците на наградите ќе говори проф. д-р Венко Андоновски, кој годинава беше и претседател на жирито на конкурсот „Антево перо“. Во завршницата на првиот ден од Манифестацијата ќе се одржи и поетско читање.
В сабота Манифестацијата ќе продолжи во Лазарополе, родното место на Анте Поповски, каде што ќе се одржи и научниот симпозиум „Антево дело“, кој од годинава има меѓународен карактер и од којшто ќе произлезе и зборник на научни трудови. Со програмата е предвидена и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувана според неговата прва книга – „Одблесоци“.
Во текот на третиот ден од Манифестацијата, учесниците ќе ја посетат и родната куќа на Анте Поповски, по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“.
Годинава Манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ има најбогата програма, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука.
Сите програмски активности на Манифестацијата ќе се остварат со придржување кон здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19.