Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово е отворена изложбата „1000 години Бигорски манастир“ која опфаќа фотографии, реплики од икони, фрески и плаштеници.
Изложбата ја подготвија и организираа членови на ансамблот „Македонија“ од Скопје, во рамки на проект поддржан од Министерство за култура и Бигорскиот манастир.
Во рамки на изложбата прикажани се осум олтарни икони, две чудотворни икони, две тронски икони, три икони од 16 век, еден капак од кивот од светите мошти, плаштеница и две фрескоикони. Сликите се реплики на икони и фрески и се прикажани во нивната големина.
Изложбата ќе биде поставена во наредните 10-ина дена, а влезот е слободен. Истата се реализира согласно со мерките за заштита од КОВИД-19.
Изложбата „1000 години Бигорски манастир“ беше промовирана на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола, а подоцна беше прикажана и во центрите за култура во Кавадарци и Неготино.