Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ од областа на ликовната критика за 2021 година. Комисијата, во состав: Мира Гаќина, Владимир Јанчевски и Маја Чанкуловска-Михајловска, одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година да се додели на проектот „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“ од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева поради релевантноста на темата во денешниот културен, но и општествено-политички контекст.
Перформансот, според авторките, како еден од оние видови уметност од лиминална и гранична природа, и проширено значење што се шири и надвор од уметничкото и естетското, создава различни мапи и остава траги кои се под влијание на социо-политичките, економските и културните околности во одреден период, време и простор и со тоа создава многубројни мрежи на значења.
Биљана Тануровска-Ќулавковски е продуцентка, кураторка и истражувачка, која спојува знаење, искуство и значења произведени во полето на културните политики, управувањето на културата, теоријата на уметноста и изведбата, изведбените уметности и критичката теорија. Во 2003 година таа го кооснова ЗГ ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи за уметност и култура, каде што работи како програмски директор до денес.
Ивана Васева (1984, Скопје) е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега била куратор и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации. За проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година (кураторка на проектот).
Доделувањето на наградата е овозможено со финансиска поддршка од Министерството за култура на РСМ и од Град Скопје.