Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул вчера беше отворена биографската изложба посветена на животот и делото на Али Фети Окјар – еден од најзначајните државници и дипломати во раната историја на модерна Турција и близок соработник на таткото на модерна Турција, Мустафа Ќемал Ататурк.
Изложбата, што се реализира во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, преку архивски фотографии, документи и истражувачки материјали ја прикажува животната патека на Окјар – од неговото потекло од територијата на денешна Македонија, па сè до неговата истакната улога на турската политичка сцена како премиер, дипломат и идеолог.
Настанот има цел да ја потенцира поврзаноста меѓу Македонија и Турција преку заедничката историска меморија, одбележувајќи значајни личности што оставиле траги во обете земји. Изложбата е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Истанбул.