Отворена „Недела на македонската култура“ во Тирана

од admin_kult

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера во Тирана присуствуваше на првото издание на манифестацијата „Недела на македонската култура“ во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Албанија и македонскиот Културно-информативен центар во Тирана.

„Сакам да потенцирам дека овде не доаѓаме како гости туку доаѓаме како пријатели, како соседи, како народ што верува дека преку културата, традицијата, туризмот и економијата можеме да се запознаеме подобро, но и да изградиме нешто трајно, нешто вредно. Токму затоа оваа манифестација е повеќе од настан. Таа е сведоштво за живиот дијалог меѓу две пријателски земји, мост што нè поврзува и нè зближува“, рече Љутков на отворањето на манифестацијата.

Тој додаде дека преку културата како најсилниот глас на еден народ – глас што не познава граници, преку изложби, музика, театар, преку вкусот на македонските вина, ја отвораме македонската душа пред албанската публика.

„Затоа кога зборуваме за култура, ние не зборуваме само за традиција, уметност или културно наследство туку зборуваме за идентитет, за вредности, за визија. Зборуваме за културна дипломатија – еден од најсилните и најцивилизирани облици на поврзување меѓу народите. Таа не гради бариери, таа урива стереотипи. Таа не се натпреварува – таа обединува“, рече Љутков.

Министерот изрази благодарност за заложбата и поддршката на Владата на Албанија во процесот на враќање на 20-те вредни икони – дел од духовното и културното наследство на Македонија.

„Овој искрен гест на пријателство и заемна почит е од особено значење за културните врски меѓу двете земји. Најважната инвестиција што можеме да ја направиме како влади, институции и општества е инвестицијата во меѓусебното запознавање и културно разбирање. Зашто тоа е темелот врз кој може да се изградат стабилен Балкан и силна Европа“, додаде Љутков.

Тој ја потенцираше и важноста на македонската заедница во Албанија.

„Сакам да изразам благодарност и да ја потенцирам и важноста на македонската заедница во Албанија, која со години е мост меѓу нашите два народа. Нивниот придонес во одржувањето на јазикот, традицијата и културниот идентитет е нешто што длабоко го почитуваме и ќе продолжиме да го поддржуваме. Оваа манифестација нека биде гласно сведоштво дека културата нѐ води напред – достоинствено, автентично и со отворено срце“, рече Љутков.

„Неделата на македонската култура“ беше отворена со концерт на Ема Попивода – пијано и Реа Лемнуша – диџеј, во концертната сала на православната црква. На 25 април во културниот центар НОБИС ќе биде отворена изложба на македонска традиционална облека, следниот ден, во познатата „пирамида“ е предвидена дегустација на вино – избор на македонски вина и на 30 април во театарот „Артурбина“ ќе биде изведена театарската претстава „8 отсто“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе