На Светскиот ден на театарот, 27 Март, Народниот театар од Битола (НТБ) ќе ја одигра претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ и целиот приход од продадените влезници ќе го донира за семејствата на настраданите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски. Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки, улогата на Ѓоре ја играат актерите Марјан Ѓоргиевски во режија на Благој Мицевски, Александар Димитровски во режија на Софија Ристевска и Никола Пројчевски во режија на Јован Ристовски. Сценограф е Валентин Светозарев, костимографи се Благој Мицевски и Андреј Папаз Ѓоргиевски, а драматург е Билјана Крајчевска.