Со премиера на претставата „Госпоѓа министерка“ во режија на Синиша Ефтимов, утре (четврток, 27.3.2025 г.), во 20:00 часот, во Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе започне четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ“, посветен и во чест на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко родум од Велес.
Воедно, со изведбата на претставата „Госпоѓа министерка“, каде што улогата на госпоѓа министерка ја игра актерката Зорица Панчиќ која годинава одбележува 30 години театарска дејност и работи во велешкиот театар, ќе се одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот.
Освен театри од земјава, годинава на фестивалот за првпат ќе учествуваат и театри од Србија и од Црна Гора. На затворањето на фестивалот, на 16 април, за првпат ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка улога, за најдобра претстава и најдобра режија, а наградата е плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница.
Фестивалот е во организација на Зружението „Плус публика“, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Велес.