Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во работна посета на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во тетовско каде се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Во рамки на посетата министерот Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџипецова ги најавија завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на Стариот конак како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Сакам да најавам дека оваа година конечно ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој проект кој е од исклучително значење не само за МКТ туку и за Република Македонија обезбедивме 6 милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината“, информираше Љутков.

Тој додаде дека оваа година, како капитален проект, се обезбедија и финансиски средства за реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Според информациите од конзерваторите од НКЦ откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манстирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати“, рече Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф, кој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние пропратни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.