Во рамките на официјалната посета на Чешката Република, делегација од Министерството за култура и туризам , предводена од државниот секретар Марија Станчевска-Ѓоргова, оствари успешни работни средби со колегите од Министерството за култура на Чешката Република и со директори на сродни културни институции.
Остварените средби се од исклучително значење и ја потврдија одличната соработка меѓу двете држави во областа на културата. Особено беше истакната континуираната и принципиелна поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Македонија во оваа сфера.
Досегашната соработка, која е официјализирана преку Спогодбата потпишана во 2009 година, резултираше со многубројни успешни проекти и културни иницијативи, кои ги приближија авторите и уметниците и ги претставија богатите традиции и културното творештво на двете земји.
Државниот секретар Ѓоргова предложи нови конкретни иницијативи за продлабочување на културните врски, како што се: размена на проекти во областа на музичко-сценската и театарската дејност, преводи на дела на автори од двете држави, како и презентација на колекциите од македонски и од чешки автори. Исто така, беше предложена размена на експерти од креативните индустрии.

Директорите на НУ Национална опера и балет, Оливер Арсовски, и на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, исто така, изразија поддршка за реализација на конкретни проекти и копродукции меѓу институциите на двете земји.
Во рамките на посетата, делегацијата ја посети и изложбата на познатата јапонска уметница Чихару Шиота во „Кунтсхале Прага“ (Kunsthalle Praha), каде што се одржаа работни состаноци со претставници на Националната галерија и на други значајни културни институции.
Оваа посета е значаен чекор напред во унапредувањето на културната соработка и размената на идеи меѓу Македонија и Чешката Република.