Ин мемориам: Почина театарскиот, филмски и телевизиски актер, Самоил Стојановски

од admin_kult

На 54-годишна возраст, почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Самоил Стојановски, известија од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, каде што тој беше вработен.

„Со својот талент, страст и посветеност, Самоил остави неизбришлива трага врз сите нас, кои имавме чест да работиме со него или да го гледаме како го остварува своето уметничко дело, оставајќи неизбришлива трага на македонската културна сцена“, стои во телеграмата од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Роден на 3 ноември 1970 година во Скопје, Самоил Стојановски беше дел од македонската актерска сцена повеќе децении. Од 2003 па до неговиот последен аплауз во декември минатата година, беше вработен во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.

На сцената на Велешкиот театар изигра ролји во многубројни претстави, меѓу кои: „Будење“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Четвртата сестра“, „Орест“, „Жени во народното собрание“, „Сомнително лице“, „Враќање“, „Железно пиле“, „Дом за птици“, „Да се заборави Херострат“, „Х-Хамлет“, „Птици“, „Џинот, учителот“, „Веселите жени од Виндзор“, „Тероризам“, „Баханалии“, „Злосторство на островот на козите“, „ММЕ кој прв почна“, „Онегин“, „Шашардисани времиња“, „Принцезата и Гускарот“, „Последниот балкански вампир“, „Кралот Лир“, „Тартиф“, „Најважната работа на светот“, „Приказни од шестиот кат“, „Класен непријател“, „Добрата надеж“, „Мачорот во чизми“, „Ана Комнена“, „Синиот портокал“, „Лисистрата“, „Елешник“, „Креонт и Антигона“ и други.

Стојановски оствари улоги и во филмската и телевизиската продукција, учествувајќи во проекти како што се: „Трст виа Скопје“ (1987 – 1990), „Погрешно време“ (2000), „Вампирџија“ (2002), „Крајот на играта“ (2002), „Крчма на патот кон Европа“ (2005), „Ова не е американски филм“ (2011), „Старо купуем“ (2013), „Приказни од животот“ (2014), „Ослободување на Скопје“ (2016), „Преспав“ (2016), „Македонски народни приказни“ (2017) и „Црвениот поет“ (2024) и други.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе