Во јуни годинава ќе започне конзервацијата на кулата Пирго, над селото Мокриево, на планината Беласица. Ова го соопшти градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, кој заедно со стручна екипа од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица ја посети оваа локација.
Конзервацијата на кулата ќе се реализира со средства од Министерството за култура и туризам, додека средства за изработка на идејниот и основниот проект за реставрација се обезбедени од општината. По завршувањето на конзерваторско-реставраторските активности ќе се изврши и партерно уредување на просторот околу кулата.
Местото Пирго се спомнува во легендите и се памети во историјата како славно историско место, особено во контекст на времето на Цар Самуил и Битката на Беласица. Инаку, Пирго е позната локација каде што месното население и многу гости често прават излети, особено на пролет и во лето, и се организираат настани.