Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго на 14 март 2025 година ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија.
Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски на прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена. Концертот ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ со почеток во 21 часот.
Концертот ќе го диригира еден од врвните шпански диригенти Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго.
Оперскиот концерт ќе има два дела. Во првиот дел ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.
Кристијан Стефановски, претставник на „Прагма продукција“, соопшти дека гостувањето на Доминго е специјално гостување и не е дел од некаква турнеја. Најави дека продукцијата и озвучувањето ќе биде перфектно и додаде оти ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала. Тој изрази благодарност до Министерството за култура и туризам и Националната опера и балет за поддршката и до генералниот спонзор Алкалоид.
Маестро Пласидо Доминго ќе пристигне во Скопје неколку дена пред концертот, на 11 март, по што ќе има две проби со Орекстарот и со Хорот на Операта. Генералната проба ќе биде во арената „Борис Трајковски“.
Билетите повеќе од три месеци се во продажба и во соседните земји, со цена од 2 000 до 5 000 денари. Досега над 500 билети се продадени во Бугарија.