Министерот за култура и туризам Зоран Љутков синоќа во Нова Горица, присуствуваше на церемонијата на отворање на првата транснационална „Европска престолнина на културата ГО! Нова Горица/Гориција“.
Со незаборавен културен спектакл отворањето се одржа на плоштадот Европа кој симболично го преставува срцето на Нова Горица и Гориција, два града во две земји кои здружени испишуваат ново поглавје во културата – „Без граници“. Настаните во рамки на програмата под наслов „Од станица до станица“, во текот на целиот ден се одвиваа низ улиците и плоштадите, оживеани од музичари, играорци и други изведувачи.
Нова Горица и Гориција, како Европска престолнина на културата со преку 600 културни активности и околу 60 проекти заедно ќе ја слават заедничката историја, отворените граници и културната разновидност на регионот.
Иницијативата Европска престолнина на културата постои од 1985 година и до сега оваа титула ја понесоа 60 градови. Целта на иницијативата е да се истакне културната разноликост и културното богатство на Европа како и да се поттикне културниот развој на градовите.
Градот Скопје е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година.