Вчера на 83-годишна возраст почина познатиот македонски сликар и филмски работник од областа на документаристиката, Коле Манев.
Телеграма со сочувство до семејството упати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во која наведе дека делата што тој ги создаваше претставуваат значаен придонес во богатата македонска уметничка ризница.
„Неговото долгогодишно творештво и посветеност на уметноста оставија неизбришлива трага во македонската култура, a делата што тој ги создаваше претставуваат значаен придонес во богатата македонска уметничка ризница. Автентичното творештвото на Манев и во иднина ќе продолжи да биде инспирација за многу генерации уметници“, напиша министерот Љутков во телеграмата.
Коле Манев е роден на 11 ноември 1941 година во Бапчор, Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. Toj е еден од групата македонски сликари протерани од своите домови во Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1948 година. Се школувал во Скопје и во Белград. Студирал и во Париз и присуствувал на предавања во Прага за анимиран филм. Имал повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, Франција, како и во земјите од регионот.
Добитник е на голем број државни и меѓународни награди и признанија за сликарство и филм, меѓу кои државната награда „23 Октомври“, како и наградата на француското Министерство за култура „Почесен витез на уметноста и творештвото“.