Во Охрид се во тек обемни зафати за санација и реставрација на „Куќата на Робевци“, еден од најзначајните и најрепрезентативни објекти од старата градска архитектура.
Станува збор за еден од најголемите проекти на НУ Завод и музеј – Охрид, за кој досега се издвоени три милиони денари, а реконструкцијата е предвидено да биде заокружена некаде до крајот на март годинава.
Директорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, појаснува дека се работи за градежни интервенции на фасадите и на покривите, како на самата куќа така и на придружните објекти од споменичниот комплекс, како што се магазата, депото и лапидариумот.
Предвидена е и внатрешна реконструкција на подовите, како и вградување нов систем за проветрување и затоплување на „Куќата на Робевци“. Предвидено е објектот да добие и нов систем за обезбедување, со оглед на тоа што во него се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.
Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам.