Концерт на квартетот„7/8 MACEDONIAN FUSION“ во КИЦ во Загреб

од admin_kult

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчеравечер беше претставен проектот на камерниот квартет „7/8 MACEDONIAN FUSION“. На концертот беа изведени десетина познати македонски народни песни кои се трајни извори за нови инспирации во уметничкото музичко творештво, и за кој аранжманите ги напишаа Андреј Наунов и Давор Јордановски.

Пред концертот се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, и амбасадорот на РС Македонија во Хрватска, Н.Е. Милаим Фетаи, кои истакнаа дека со овој настан завршува зимската концертна сезона на програмата на КИЦ.

Директорката на македонскиот Културно-информативен центар, Мими Ѓоргоска-Илиевска, во своето обраќање истакна дека влијанието на македонскиот фолклор е големо во современите музички текови, при што авторите сè почесто создаваат аранжмани на уметнички стилизиран фолклор. Истакнувајќи дека фолклорот е дел од нематеријалното културно наследство, Ѓоргоска-Илиевска пред присутната загрепска публика ја сподели и веста дека македонскиот народен музички инструмент гајда на деветнаесеттата седница на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО беше признаен како светско нематеријално културно наследство..

Загрепската публика уживаше во уникатниот македонски ритам, кој на суптилен начин со посебна музичка креација го доловија македонските уметници Андреј Наунов на клавир и трите виолини на Сандра Крстевска, Олгица Шундиќ и Јелена Туфекчиевска. Концертот, кој беше проследен со громогласен аплауз од публиката, претставуваше едно посебно и неповторливо музичко доживување, низ кое се презентираше дел од богатата македонска култура и традиција.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе