Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари средба со делегација од Унгарија предводена од Жолт Бунфорд, посебен советник за Западен Балкан во Владата на Унгарија.
Љутков и Бунфорд во пријатна и конструктивна атмосфера разговараа околу идентификувањето на подрачјата кои се од заеднички интерес за двете држави. На средбата беше изразено задоволство што и на заедничката седница на високо ниво во Охрид беше истакната важноста на културата во функција на унапредување на билатералните односи меѓу двете држави.
Министерот Љутков информираше дека еден од приоритетите во културната политика е меѓународната соработка и промоција на државата. Тој потенцираше и дека при последната средба со министерот за култура на Унгарија, Ханко, се согласиле дека таа треба да се одвива на највисоко ниво.
Во таа смисла, соговорниците се согласија дека размената треба да биде меѓу значајните репрезенти на двете држави, преку претставување и присуство на унгарски уметници кои треба да бидат повидливи на големите фестивали и манифестации, како и на други особености на културите на двете држави.
На средбата, Љутков и Бунфорд се осврнаа и на претстојната манифестација „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“. Во таа смисла беше потенцирана важноста на размената на искуствата од градовите кои претходно биле европски престолнини на културата, како Веспрем, при што беше посочено дека ќе бидат особено значајни за нас. Притоа министерот Љутков посочи дека во Нова Горица во февруари 2025 година е планирана средба од таков вид, на која ќе се споделат информации со претставниците од градовите кои веќе биле престолнини на културата.