Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија во нашата земја, Андрош Клајн.
На средбата, министерот Љутков го информираше амбасадорот Клајн за реформите што се спроведуваат во Министерството, во смисла на проширување на надлежноста и во областа на туризмот, како и за плановите за промоција на државата во меѓународни рамки.
На средбата беше истакнато дека Северна Македонија и Унгарија негуваат одлични културни врски, а тоа беше потврдено и при неодамнешната посета на премиерот Орбан и министрите од Владата на Унгарија во Охрид, каде што се разговараше за повеќе прашања од сите сфери, вклучително и за културата.
Министерот Љутков изрази задоволство од досегашната соработка во културата меѓу двете земји, при што се реализирани низа проекти од областа на актуелното творештво на двете држави.
Амбасадорот информираше за големиот интерес за претставување на унгарската култура на значајни фестивали и манифестации во земјава, а со оглед на фактот што Скопје во 2028 година ќе биде „Европска престолнина на културата“, тој понуди размена на искуства бидејќи Веспрем беше носител на оваа титула минатата година.
На средбата беше потенцирано дека радува и фактот што бројот на туристите во нашата држава постојано расте и дека земјава има особен потенцијал за развој на културниот туризам.