Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб во петокот загрепската публика имаше исклучителна можност да го проследи концертот на камерниот дует Нинослав Димов, саксофон и Маја Поповиќ, пијано. Концертот на дуетот Поповиќ–Димов опфати широк спектар на дела со различни стилски и жанровски специфики.
Пред концертот се обрати директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која истакна дека дуетот Поповиќ–Димов, како резултат на долгогодишното заедничко музицирање, има постигнато атрактивен баланс во сите аспекти на изведбата и дека станува збор за успешни и потврдени уметници кои драматичноста на изведбата лесно ја пренесуваат кон публиката.