Со дела од македонски композитори, како и со пијанистички композиции од великаните на светската музика, во неделата (17 ноември) во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб настапи пијано-дуетот „SOMNIUM“ што го сочинуваат пијанистките Ана Гацова и Ана Гаштаровска.
Од КИЦ – Загреб информираат дека пијано-дуетот презентираше дела од различни музички стилови и преку зрелата, цврста и специфично обмислена интерпретација успеа да го привлече вниманието на заинтересираната загрепска публика.
Директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, во своето обраќање истакна дека концептот на концертот на Гацова и Гаштаровска, во кој се преплетува актуелната македонска пијанистичка продукција со делата на великаните на музичката историја, даде специфична свежина на настанот и ја покажа и ја потврди вредноста на нашата македонска современа пијанистичка продукција и интерпретација.