Во Музејот на македонската борба за самостојност денеска беше отворен 12. Меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“, при што присутните ги поздрави државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, која истакна дека овој научен форум има цел експертите од различни земји да ги споделат своите истражувања, идеи, искуства и посветеност во проучувањето на византиското културно наследство.
Според државната секретарка, наследството на Јустинијан Први има особено значење не само за нас туку и за цела Европа.
„Тој не остави само архитектонски и правни достигнувања, туку и историски основи за културно единство меѓу народите. Неговото влијание е присутно и во нашето современо општество, а ние, преку овој симпозиум, само го потврдуваме неговото влијание врз нашата идентитетска конструкција и интеграцијата во европските културни текови“, рече Станчевска-Ѓоргова.
„Годинава, по дванаесетти пат, повторно сме собрани во духот на научната и културната размена, да дадеме нова поткрепа на едно ново, возбудливо и заедничко патување, кон проучување на византиското и средновековното културно наследство, преполно со многубројни предизвици кои допрва треба да бидат откриени и претставени пред светската научна мисла“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам.
На почетокот на работниот дел од Симпозиумот, пленарно предавање одржа еден од најеминентните светски византолози, проф. Џонатан Шепард од Универзитетот во Оксфорд.
Инаку, на Симпозиумот, во двата работни дена, со свои реферати (некои и онлајн) ќе учествуваат 50-ина еминентни професори и научници од 19 земји: РС Македонија, Италија, САД, Велика Британија, Германија, Русија, Украина, Полска, Словачка, Холандија, Финска, Австрија, Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција и Унгарија. Тие ќе ги споделат своите најнови научни истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.
Меѓународниот симпозиум е во организација на Институтот за национална историја, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“.