Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, присуствуваше на потпишувањето на договорите со единиците на локалната самоуправа кои аплицираа на јавниот повик на Владата и добија средства од проектот за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините и подобрување на животот на граѓаните.
– Станува збор за проекти во четири општини: Гази Баба, Радовиш, Пехчево и Гевгелија, во кои со околу 2 милиона евра (199.460.590,00 денари), ќе се поддржат, односно ќе се реализираат пет капитални инвестиции. Со овие проекти, не само што ќе создадеме нови простори за култура и социјална интеракција, туку и ќе го зајакнеме идниот развој на нашите општини – рече министерот Зоран Љутков.
Со обезбедените средства ќе започне реализацијата на неколку клучни иницијативи кои ќе ја подобрат инфраструктурата, како и културниот живот на општините.
Во Гази Баба ќе се работи на проектот за реконструкција и санација на објектот на Домот на културата „11 Октомври“, простор каде што ќе се одржуваат културни настани, театарски претстави и изложби. Во Радовиш, Стоковната куќа ќе се пранамени во мултифункционален центар со музејска поставка. Во Пехчево, постојниот објект на КП бр. 985/2 ќе се пренамени во Центар за посетители – туристички информативен центар. Станува збор за проект кој е важен чекор кон развојот на туризмот во регионот. Во Гевгелија, пак, ќе се реализираат два проекта, и тоа: проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на дуќаните во Старата чаршија и проектот за партерно уредување и комплетна замена на подземната инсталација на улиците „Бран Петрушев“ и „7 Ноември“ (Стара чаршија) во Гевгелија.
– Посакувам успешна реализација на проектите и уште повеќе вакви капитални инвестиции во единиците на локалната самоуправа во периодот што следува – додаде Љутков.