Нови можности за соработка со Швајцарската Конфедерација

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, се сретна со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Хулман Марти, при што беше изразена подготвеност за продлабочување на врските меѓу двете држави.

Соговорниците беа согласни дека има простор за вложување во културната соработка, како и во размена на искуства во областа на туризмот, потенцирајќи ги можностите што ги нудат институциите на системот за унапредување на капацитетите во овие области.

Беше истакнато дека преку Амбасадата, Швајцарија во нашата држава спроведува програми за развој во повеќе сектори, меѓу кои е и поддршката за зајакнување на  независната сцена во културата.

Со оглед на тоа што културата е клучна алка за развој на едно општество, амбасадорката Хулман Марти најави дека од декември оваа година, Швајцарија ќе започне со имплементација на 9-годишна програма за поддршка и развој на овој сектор. Предвидено е повеќегодишниот процес да го следи советодавно тело во кое како висок претставник ќе биде вклучен и член од Министерството за култура и туризам.

Министерот Љутков ја информираше амбасадорката Хулман Марти за трансформацијата на Министерството и интеграцијата на ресорот туризам. Во тој контекст, стана збор за активностите што ги спроведува Амбасадата на Швајцарија во насока на поддршка на сите гранки од туризмот, со посебен акцент на авантуристичките спортови, при што се врши промоција на делови од нашата држава и се интегрираат младите во остварување економски придобивки и афирмација на земјата.

На средбата се зборуваше и за „Скопје – европска престолнина на културата“, за можноста за искористување на искуствата од Швајцарија, како и за тековните проекти кои се во функција на оваа манифестација, како што се: изградбата на Универзалната сала, реконструцијата на Шалтер-салата на Поштата, отворањето на Скопското кале, како и рехабилитацијата на Скупи.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе