Во просториите на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб прексиноќа (21 октомври), пред многубројна загрепска публика, беше отворена изложба на академскиот сликар Роберт Цветковски, а концерт одржа дуетот „Дениција“.
Изложбата на академскиот сликар Роберт Цветковски ја отвори директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, која, меѓу другото, истакна дека преку специфичната комбинација на текстура, материјал, боја и симболи, Цветковски го отсликува секојдневието, а притоа трага и по трајните белези што се проткајуваат низ времето.
Неговото сликарство може да се окарактеризира како апстрактно нефигуративно сликарство, со синтеза на експресивност и длабока рефлексија прикажана преку одредени фрагментирани, асоцијативно намалени знаци и симболи.
Дуетот „Деценија“ настапи со дела за класична гитара од реномирани македонски композитори: Панде Шахов, Ана Пандевска, Дарија Андовска, Ангел Спироски, Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов, кои беа изведени од Анастасија Милеска и Александар Андријевски, а тоа истовремено беше хрватска премиера на овие композиции.