Концерт на триото „Chambers“ во македонскиот КИЦ во Загреб

од admin_kult

Триото „Chambers“, со концертот „Мост помеѓу класичниот австриски валцер до современиот македонски 7/8 такт“, на многубројната публика во Загреб ѝ приреди уникатно музичко патување што ја премостува елеганцијата на австрискиот валцер со ритмичкиот интензитет на македонскиот седумосмински такт.

Пред почетокот на настанот, поздравно обраќање имаше амбасадорот на РС Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи, а воведно излагање за програмата даде директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.

Пред присутната публика се обратија и уметниците Ѓорги Петрушевски, Јордан Петрушевски и Мила Јаневска.

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека овој концерт, кој нуди широк спектар на емоции низ различност од жанрови на класичната музика, испраќа порака за негување на пособноста и меѓусебното почитување на културите. Таа додаде дека програмата преку спојот на преубавиот австриски валцер и нашиот македонски ритам отвора пат за промоција на богатата македонска култура.

Комбинирајќи ја познатата грациозност на валцерот и динамичната енергија од седумосминскиот такт, Јордан Петрушевски, Мила Јаневска и Ѓорги Петрушевски предизвикаа силни емоции кај присутната публика, проследени со громогласен аплауз.

Концертот го проследија многубројни гости од хрватската културна јавност, претставници на дипломатскиот кор, протојереј ставрофор на МПЦ во Р Хрватска, Кирко Велински, и претставници од Советот за македонското национално малцинство за Град Загреб. Меѓу присутните беше и директорката на Австрискиот културен центар во Загреб, Марина Кристоф.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе