Почина композиторот Љупчо Константинов

од admin_kult

Вчера, на 78-годишна возраст, почина македонскиот композитор и автор на филмска музика, Љупчо Константинов.

Телеграма со сочувство до семејството упати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во која наведе дека делата што тој ги создаваше претставуваат значајно македонско музичко богатство.

„Неговата музика беше многу повеќе од звук – таа беше и душа на многу македонски филмови, кои носејќи со себе емоции и длабочина ќе останат засекогаш запаметени. Неговата музика не само што ги збогати нашите филмови туку ги допре и нашите срца, оставајќи неизбришлива трага“, напиша Љутков во телеграмата. 

Константинов, кој дипломирал на Музичката академија во Белград, е автор на музиката за многубројни играни, документарни и анимирани филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. Меѓу другото, автор е и на музиката за филмовите „Среќна Нова ’49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други.

Константинов е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои: државната награда „11 Октомври“ за животно дело, наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотеката на Македонија, како и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе