Долгогодишната плодотворна соработка во областа на културата меѓу С Македонија и Француската Република беше во фокусот на средбата на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со амбасадорот Кристоф ле Риголер.
Во конструктивна атмосфера, соговорниците се согласија дека одличната повеќедецениска соработка во културата меѓу двете земји изгради врски кои се темелат на доверба и меѓусебна поддршка. Билатералните односи во културата се потврда дека Франција е една од европските држави која дава нескриена и целосна поддршка во евроинтегративните процеси на нашата држава.
Соговорниците се осврнаа на важноста на културната дипломатија и позитивните практики на Франција што ги негува преку културните центри и другите институции кои ја афирмираат француската култура насекаде во светот. Во тој контекст, особено внимание беше посветено на работата на Францускиот институт во Скопје кој годинава одбележува 50 години постоење.
Министерот Љутков и амбасадорот Ле Риголер, како резултат на досегашните позитивни искуства од поддршката што македонските конзерватори ја добиваат од француските експерти за разни области и техники во заштитата, најавија дека ќе биде потпишан договор за соработка во областа на заштитата на културното наследство.
Културните индустрии и кинематографијата беа посочени како области кои нудат можности за збогатување на релациите во културата.
Министерот Љутков го информираше амбасадорот Ле Риголер за проширената надлежност на Министерството во областа на туризмот, при што од страна на амбасадорот беше изразена подготвеност за споделување на француските искуства при изготвувањето на Националната стретегија за развој на туризмот.
Соговорниците се согласија дека искуствата на Франција, како држава со богата култура и развиена мрежа на институции и менаџери во културата и туризмот, ќе бидат од полза при реализацијата на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.