Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, вo пријателска и конструктивна атмосфера, оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата држава, Рафаел Соријано Ортиз, на која беа истакнати заложбите на двете страни за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот.
На средбата, министерот Љутков го информираше амбасадорот Ортиз за реформите што се спроведуваат во Министерството, во смисла на проширувањето на надлежноста во областа на туризмот, при што беше нагласен големиот потенцијал за развој на културниот туризам со кој нашата држава ќе биде повидлива во европскиот контекст.
Шпанскиот амбасадор ги сподели позитивните искуства во областа на туризмот на Кралството Шпанија кои придонесуваат за големи економски придобивки за државата и, во таа смисла, упати покана до министерот Љутков да присуствува на Интернационалниот саем за туризам и трговија (ФИТУР), кој во февруари следната година ќе се одржи во Мадрид. Воедно амбасадорот Ортиз ја подвлече потребата за воспоставување директни авионски линии меѓу двете држави, заради стекнување значителни економски придобивки.
На средбата, соговорниците го реафирмираа прашањето за потпишување билатерален документ за соработка во областа на културата и туризмот, кој ќе моделира формално-правна рамка за побогата институционална соработка меѓу двете држави, но беше истакната и потребата за реализација на повеќе заеднички проекти, иницијативи во кои ќе партиципираат уметници од двете држави. Исто така, министерот Љутков изрази уверување дека успешната практика на претставување на македонската култура во минатото ќе продолжи во иднина со реализација на Денови на македонската култура, но и со исклучително важниот проект „Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година“, со што уште еднаш ќе ја потврдиме нашата подготвеност за интегрирање во европското семејство.