Успешен настап на хорот Менада од Тетово во Истанбул

од admin_kult

Македонскиот реномиран хор „Менада“ од Тетово настапи пред многубројната турска публика во исполнетата ерменска катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул. Концертот се одржа по повод државниот празник 11 Октомври – Денот на македонското востание, како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Од КИЦ во Инстанбул информираат дека хорот, под диригентство на маестро проф. д-р Ивица Зориќ, приреди исклучителен настап изведувајќи дел од својот огромен и разноводен репертоар на духовна музика придружена со популарни македонски народни песни.

На настанот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасијевски, кој на присутните им го честиташе празникот, како и генералните конзули на Македонија и на Албанија во Истанбул, Идрис Фазлиоски и Арманд Шандро. Од име на Истанбулската филхармонија се обрати Есма Лајичи, член на Управниот одбор на Филхармонијата. Настанот го отвори директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна потребата од зголемена институционална соработка меѓу двете држави, акцентирајќи ја неопходноста за продолжување и поттикнување на културната размена со одржување повеќе настани кои во иднина ќе го воспеваат спојот на македонската и турската култура.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе