Министерот Љутков присуствуваше на одбележувањето на денот на заштитникот на Крива Паланка

од admin_kult

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка присуствуваше на поставувањето камен-темелник за изградба на нов конак во еден од најпознатите македонски манастири.
На денот кога ова светилиште го слави патрониот празник воспевајќи го светецот и заштитник на Крива Паланка, започна изградбата на нов конак, на местото на некогашниот кој датира од 18 век и се смета за најстар конак што постоел во манастирскиот комплекс. На овој начин се чуваат традицијата, историјата и културата на „манастирскиот град“ во кој се сместени Осоговскиот манастир, црквата Рождество на Пресвета Богородица и богат придружен архитектонски ансамбл.
Министерот Љутков присуствуваше и на свечената литургија по повод одбележувањето на денот на Св. Јоаким Осоговски, чијшто спомен денескa го чествува и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со митрополитот кумановско-осоговски, г. Григориј, заедно со свештенослужители од соседните православни цркви.
На чествувањето на двата големи празника посветени на Успение на Пресвета Богородица и на Свети Јоаким Осоговски, вчера и денеска во двата храма на манастирот присуствуваа голем број верници и гости кои пристигнаа од сите краишта од земјава и од регионот.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе